УКРАИНСКИТЕ ВЛАСТИ ЈА ЗАПЛЕНИЛЕ ВОТКАТА „АТОМИК“ ПРОИЗВЕДЕНА ВО ЧЕРНОБИЛ

Киев, (Би-Би-Си)

Украинските власти ги заплениле првите шишиња алкохол произведен од јаболката што растат во близина на нуклеарната централа во Чернобил. Локалната компанија за алкохолни пијалаци соопшти дека 1.500 шишиња од вотката „атомик“ биле запленети на 19 март и однесени во Киев.

Производителите велат дека ова е прв потрошувачки производ од Чернобил од нуклеарната катастрофа во 1986 година. Тие сега ги очекуваат резултатите од истрагата, но велат дека немаат идеја зошто била одземена пратката наменета за Велика Британија.

„Нè обвинуваат дека сме користеле фалсификувани украински акцизни марки“, изјави Џим Смит.

Овој научник долги години ја проучуваше забранетата зона во Чернобил, пред да ја отвори „Чернобил спирит компани“ со свои украински колеги. Меѓу другото, тие одгледувале земјоделски култури во областа за да истражат дали од нив можат да се добијат производи безбедни за јадење.

„‘Атомик‘ не е порадиоактивна од која било друга вотка“, вели Смит.

Таа е направена од јаболка засадени веднаш до забранетата зона, каде што земјоделството сè уште не е целосно дозволено.