УНЕСКО ќе го прогласи појасот Мура-Драва-Дунав за прв петдржавен биосферен резерват на светот, објави Светскиот фонд за заштита Адрија, со што ќе бидат крунисани повеќедецениските напори на регионалните министерства и организации.
„Овој резерват, што уште се нарекува Европска Амазонија, е единствен на светот, зашто опфаќа дури пет држави – Австрија, Словенија, Хрватска, Унгарија и Србија. Тоа ќе биде круна на нашата работа, но и на меѓународната соработка“, изјави директорката на Светскиот фонд за заштита Адрија, Наташа Калауз, додавајќи дека прогласувањето се очекува догодина.
Течејќи низ овие пет држави, Мура, Драва и Дунав заедно прават зелен појас долг 700 километри, при што поврзуваат површина од речиси еден милион хектари. Овој единствен речен пејзаж успеа да ја зачува својата биолошка разновидност, што вклучува големи шуми, речни острови, песочни крајбрежја и живеалишта на разни загрозени животински видови, првенствено птици и риби. Секоја година, 250.000 птици доаѓаат во Европската Амазонија за да се одморат и нахранат пред да продолжат на југ.
Речиси 900.000 луѓе зависат од трите реки, а прогласувањето на заедничкиот биосферен резерват ќе значи и заштита од штетни проекти, како изградба на нови хидроцентрали.