Бројот на заразени со коронавирусот во Македонија порасна на 663, откако денеска беа потврдени нови 46 случаи.
Повеќе од половина од нив се во Куманово (13) и Скопје (12), па следуваат Прилеп и Велес со по осум, Струга со два и Тетово, Кочани и Пробиштип со по еден. Од 19-те градови во кои што досега е регистриран коронавирус, мнозинството заразени се во Скопје (273) и Куманово (143), а 37 пациенти сега имаат негативен тест.
Во Македонија досега има 30 починати од КОВИД-19. Дополнително, министерот за здравство Венко Филипче денеска извести за случај на починат притвореник во затворот во Шутка кој немал симптоми на коронавирус, но посмртно направениот тест бил позитивен.