ВЕЌЕ НЕ СМЕ СКРИЕНИ ВО ОПШТЕСТВОТО – ВО СКОПЈЕ СЕ ОДРЖА 15. МАРШ НА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повод 17 декември, Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, во Скопје по 15. пат се одржа марш на црвените чадори. Сексуалните работници маршираа од улица Македонија преку плоштадот Македонија до плоштадот Филип Втори, порачувајќи да престане насилството кон нив.

Тие велат дека денеска достоинствено маршираат низ Скопје, заедно со голем број активисти и поддржувачи, за разлика од пред 15 години, кога постоел страв да излезат во јавност.

„Од година во година станувавме сѐ похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата и благодарение на медиумската поддршка, овие јавни настани добиваа сè поголема видливост. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име. Денес, гордо ги застапуваме нашите човекови, здравствени и работнички права пред институциите и општата јавност. Бараме подобри и побезбедни услови за работа, подобро законско решение за сексуалната работа во земјата и нејзината декриминализација“, рекоа учесниците на маршот.

Првиот марш на црвените чадори се одржа во Скопје на 17 декември 2008.

(Фото: К. Попов)