Проектот „Херои 4:33“ во режија на Деан Дамјановски, продукција на Велешки театар, премиерно ќе се изведе денеска од 18 часот на 45. Млад отворен театар (МОТ) во Младински културен центар (МКЦ). Станува збор за мултимедијален перформанс со три инсталации, три сцени и три простории, а во секоја ќе има по еден гледач. Секоја трае по 4:33 минути, колку што трае познатата композиција на Џон Кејџ. Една изведба ќе може да ја гледаат 20 лица.
Дамјановски вели дека станува збор за продолжение на проектот „Тој и Таа“ што го работеа со Велешки театар летоска и кој беше фокусиран на користењето на Интернет технологијата во театарот.
„Од тој конфликт помеѓу спецификата на театарот да биде уметност на ‘присуството’ и идејата за оддалечување како резултат на преносливоста на вирусот се роди идејата за проектот ‘Херои 4:33’. Тој претставува своевидна театарска инсталација која го разработува концептот на ‘присуство/отсуство’ на ниво на изведувач/гледач/простор во рамките на едно фиксно зададено време. Резултатот е повеќе галериски и визуелен, отколку театарски производ во кој основно е доживувањето на ‘присуството/отсуството’, кое гледачот го има кога ќе пројде низ секој од тие три простори. Велам ‘гледачот’ во еднина, зашто во еден простор во еден момент може да има максимално еден гледач, кој престојува внатре четири и нешто минути и потоа е испратен во следниот. Доживувањето завршува кога и последниот гледач ќе помине низ последниот простор. Функцијата на изведувачот е пречистена до означувач на времето кое тече за гледачот и идејата за ‘присуството’ (или отсуството) како основна супстанца на театарот каков што го знаеме“, вели Дамјановски за СМАРТ СДК.МК.
Играат Жарко Спасовски, Исидор Јовановски, Кети Борисовска и Васил Зафирчев. Текстот е на Сашо Димоски, сценографијата на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, видеодизајнот на Данчо Стефков, а музиката на Сашко Костов.
Режисерот додава дека присуството на повеќе од еден човек во еден простор има свои ризици, но со почитување на зададените правила, тие ризици (веројатно) се намалуваат.
„Јас лично имав искуство во друг театар во изминатиот период, кога поради мало невнимание, мое и на неколку други луѓе, моравме да го прекинеме процесот зашто се заразивме. Интересно е дека тоа не се случи на проба, зашто таму работевме според однапред утврдени правила, туку во бифето на театарот. Мислам дека она на што ќе нѐ научи ова искуство е да бидеме пофлексибилни и поприлагодливи на доминантниот контекст на пандемијата кој нѐ опкружува и верувам дека тоа ќе се одрази не само на нашите животи како целина, туку и на она што го правиме и создаваме. Во таа смисла, веројатно ќе се појави некоја нова театарска стварност како резултат на оваа пандемиска еволуција“, додава тој.