ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР НАСТАПУВА НА ФЕСТИВАЛОТ „ДЕНОВИ НА НУШИЌ“ ВО СМЕДЕРЕВО СО „ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва (10 декември) ќе ја изведе претставата „Госпоѓа министерка“ на фестивалот „Денови на Нушиќ“ во Смедерево, Србија. На фестивалот настапуваат театри од Србија, БиХ, Црна Гора, Македонија и Косово.

„Со секое гостување ја носиме македонската театарска уметност надвор од границите и го збогатуваме културниот простор на регионот“, кажа Жарко Спасовски, директорот на Велешкиот театар.

Работена по текст на Бранислав Нушиќ, новата верзија на „Госпоѓа министерка“ е во режија на Синиша Евтимов. Со улогата на Живка, Зорица Панчиќ слави 30 години професионална актерска кариера. Играат и Талија Настова, Сандра Танчева, Фаик Мефаилоски, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Стефан Николовски, Филип Христовски и Кире Ацевски. Благојчо Стојанов ја освои наградата за најдобра споредна улога на „Денови на комедија“ во Куманово.

Велешкиот театар се враќа во Смедерево по успешното гостување со „Галеб“, кога Исидор Јовановски ја доби наградата за најдобра машка улога.

П. ПЕЧКОВ