Организаторите на претстојните ОИ во Париз велат дека тоа ќе бидат најзелените игри во олимписката историја, а јаглеродниот отпечаток ќе биде двојно помал во однос на Лондон 2012 и Рио де Жанеиро 2016. Од маси направени од стари топчиња за бадминтон до менија засновани врз растенија, Париз најави низа иницијативи за кои вели дека ќе му помогнат да ги оствари своите цели.
За ОИ во Лондон беа изградени шест нови спортски објекти, а во Рио десет постојани и седум привремени објекти. Од 35-те објекти во кои што ќе се одвиваат натпреварувањата во Париз само два се нови и наменски: арената за бадминтон и ритмичка гимнастика и центарот за водени спортови, кој содржи столчиња направени од рециклирана локална пластика.
Се мислеше и на превозот меѓу стадионите, па велосипедска мрежа од 60 километри ги поврзува сите олимписки места, од кои 30 километри се изградени во пресрет на Игрите.
Креветите во Олимпиското село ги обезбеди фирмата која работеше и на претходните ОИ во Токио. Направени се од рециклиран картон, а ќе има и столчиња направени од рециклирани пластични капачиња.
На претходните ОИ, некои стадиони и сали мораа да се потпираат на дизел генератори за електрична енергија. Организаторите на Париз 2024 ветија дека ќе се фокусираат на поврзување на стадионите со јавната електрична мрежа. Тие врски ќе останат и по завршувањето на Игрите.
(Фото: Гети)