Со изведба на песната „Тмурна пролет“ од „Леб и сол“ почна настанот со кој кај неговиот споменик во Дебар Маало се обележа денот на раѓањето на великанот на македонската драматургија Горан Стефановски.
Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018. Споменикот е поставен во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

Александар Микиќ ја водеше манифестацијата со актерска импровизација, разговарајќи со Стефановски како Јоне од неговата драма „Лонг плеј“.
Собирот го организираше Општина Центар, а во музичкиот дел настапија Мирко Попов, Марија Каева и Дина Јашари.
(Фото: К. Попов)