ВО МСУ СЕ ОТВОРА 17. БИЕНАЛЕ НА МЛАДИ УМЕТНИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (18 ноември) во 19 часот, во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје почнува 17. Биенале на млади уметници. Темата е „Утрото започна вчера“. Куратори се Нада Прља и Себастијан Чичоцки.

Биеналето денеска ќе се отвори во МСУ, а на 28 ноември во Музејот на Македонија и во основното училиште „Ј. Х. Песталоци“, развивајќи се низ четири поглавја што ги одразуваат промените на годишните времиња.

Учествуваат Џемилиана Абдулова (Скопје), Бетул Аксу (Измир/Лондон), Ренеа Беголи (Приштина), Ангела Бошевска (Битола/Скопје), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Наталија Гучева (Скопје/Гент), Драгана Заревска (Кратово/Прага), Јулија Кастелучи (Белград/Милано), Сергеј Калеников (Скопје), Габриела Кичор-Бентковска (Варшава), Ана Лазаревска (Скопје), Изабела Левенска-Миљаниќ (Скопје), Милчо Манчевски и 1АМ Група од Скопје како посетување на првото БМУ од 1987 година, Јана Николоска (Скопје), Марина Саковска (Познањ), Душан Стефановски (Скопје) и Кристина Таневска (Скопје).

„Изложбата ги истражува начините и процесите преку кои емоциите и интимноста се создаваат, изразуваат и доживуваат во рамките на визуелната и социјалната естетика на современиот живот. Таа се фокусира на тоа како новите кодови од младинската култура ги обликуваат нашето поимање на поврзаноста и личното изразување денес. Преку дела кои црпат инспирација од детството или адолесценцијата уметниците го испитуваат начинот на кој современите млади генерации ги конструираат и дефинираат чувствата во секојдневието“, велат од МСУ.

(Фото: видео од Наталија Гучева „Домот е каде што е срцето“)