ВО ОТСУСТВО НА ПОСЕТИТЕЛИ, МАЈМУНИТЕ ОД ЗООЛОШКИТЕ ГРАДИНИ ВО ЧЕШКА ПОЧНАА ДА СЕ ГЛЕДААТ ПРЕКУ ЗУМ

Брно, (Гардијан)

Видеоповиците станаа едно од основните средства за комуникација во време на пандемија, а сега почнаа да ги користат и мајмуните во Чешка.

Поради недостиг на интеракција со посетителите, шимпанзата од сафари паркот во Двур Кралове и од 150 километри оддалечената зоолошка градина во Брно почнаа да се гледаат едни со други во живо преку големи екрани.

„Во почетокот, тие им пристапуваа на екраните со одбранбени или заканувачки гестови, немаше интеракција. Сега тие реагираат на нив како да гледаат телевизија. Ако видат некоја тензична ситуација, скокаат од своите места, како луѓето кога гледаат спортски натпревар. Тие дури почнаа да земаат грицки кога се гледаат“, вели Габриела Линхартова, чуварка во сафари паркот.

Видеоповиците траат секој ден од осум до 16 часот и на крајот на месецот ќе се процени дали треба да продолжат.