ВО ШПАНСКИ ПЕШТЕРИ ПРОНАЈДЕНИ ДОКАЗИ ЗА КОРИСТЕЊЕ ХАЛУЦИНОГЕНИ ДРОГИ ПРЕД 3.000 ГОДИНИ

Шпанија, (Би-Би-Си)

Луѓето користеле халуциногени дроги во Шпанија уште пред 3.000 години, вели ново истражување. Анализите на коса од погребни места во Менорка покажуваат дека древните човечки цивилизации користеле дроги добиени од растенија и грмушки.

Се верува дека ова е најстариот директен доказ за користење халуциногени дроги во Европа.

„Со овие дроги се постигнувале делириум и халуцинации“, велат истражувачите.

Доказите се пронајдени во пештери југозападно од Менорка. Во пештерите се откриени над 200 човечки гробови и се верува дека служеле како ритуално и погребно место повеќе од 600 години, до 800 година пред нашата ера.

Откриените супстанци можеби се користеле при ритуали што се изведувале во пештерите. Тие можеби вклучувале шамани, кои биле способни да ги контролираат несаканите ефекти на дрогите.

При анализите на прамени коса се детектирани три психоактивни супстанци: атропин и скополамин, кои поттикнуваат халуцинации и ефедрин, кој дава енергија и будност.