ФОНТАНИ СО РАКИЈА ГИ КРЕПАТ ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА ЖИВОПИСНА ПЕШАЧКА ПАТЕКА ВО ГЕРМАНИЈА

Берлин, (Вашингтон пост)

Германија е рај за пешачење. Во земјата има повеќе од 150 утврдени долги пешачки патеки.

Пешачењето околу гратчето Оберкирх, кое се наоѓа во регионот Ренхтал на западниот раб на Шварцвалд, е нешто поразлично. Оберкирхер Бренерштајг е 15 километри долга кружна патека долж која има многу зеленило, овоштарници, лозја, фарми и осум мали семејни дестилерии, кои прават мали количества шнапс од сезонски овошки, како сливи, цреши, јагоди, круши и малини.

Во Шварцвалд има 14.000 лиценцирани дестилерии за шнапс (Фото: Вашингтон пост)

И не само тоа, ракијата може да се пронајде и пие и долж самата патека. Некои дестилерии ја оставаат во шишиња во студени водени базени, а некои имаат поставено и фонтани за шнапс.

Се разбира, пиењето не е баш бесплатно, па покрај вакви места има и кутија за оставање пари.

Се смета дека најдобро време за посета на овој предел е меѓу март и октомври, со цел да се избегнат неповолните временски прилики.

Во Шварцвалд има дури 14.000 лиценцирани дестилерии за шнапс, од кои околу 800 се во Оберкирх, повеќето во семејни куќи.