ПОЛИЦАЈЦИ СО АВТОМАТСКИ ПУШКИ УПАДНАА ВО СКОПСКИ ДИСКОТЕКИ, ПРИВЕДЕН СОПСТВЕНИКОТ НА „СЕКТОР 909“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сопственикот на една од најпопуларните скопски дискотеки „Сектор 909“, Огнен Узуновски-Оги, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција, беше приведен ноќеска во големата рација по ноќните клубови во Градски парк.

Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција биле во присуство на вооружени полицајци кога влегле во дискотеките и Министерството за внатрешни работи сè уште не излегло со официјално соопштение за акцијата, која на социјалните мрежи е опишана како скандалозна, брутална и како тежок удар врз ноќниот живот во Скопје.

Додека се чека официјалниот став од МВР за ноќешната рација во угостителски објекти во Скопје, оттаму неофицијално тврдат дека полицајци биле нападнати вчера и во текот на ноќта, па затоа при асистенцијата на УЈП и на Пазарната инспекција, носеле оружје како заштита. Иако неофицијално, оттаму негираат каква било употреба на сила врз граѓани при контролите од УЈП и од Пазарната инспекција.

„Дефинитивно не се боревме за упади на вооружени специјалци во дискотеки. Тоа што се случувало ноќеска низ Скопје е уште еден доказ дека Македонија е сè уште полициска држава. Ударот врз братот Оги е удар врз сите нас“, напиша на Фејсбук Замир Мехмети, еден од лидерите на Шарената револуција.

Узуновски, наводно, бил уапсен откако се спротивставил на барањето да се изгасне музиката во „Сектор 909“ и социјалните мрежи се полни со изрази на поддршка кон него.

Според очевидци, полицајци вооружени со автоматски пушки парадирале на подиумот и дури ги легитимирале диџеите, кои во тој момент пуштале музика.

„Јас не се чувствувам како криминалец и ‘Сектор 909‘ не е обично диско, туку е начин на живот. Не можете да не запрете, тука има многу љубов“, се огласи Узуновски на Фејсбук.

По повод акцијата на полицијата, се огласи и Хелсиншки комитет, кој побара од очевидци и од сопствениците на дискотеките да им достават свои изјави.