ВРХОВНИОТ СУД ЈА ДЕКРИМИНАЛИЗИРАШЕ МАРИХУАНАТА ВО МЕКСИКО

Мексико Сити, (Би-Би-Си)

Врховниот суд на Мексико ја декриминализираше приватната рекреативна употреба на марихуаната, опишувајќи ја сегашната забрана како неуставна.

Судот пресуди дека сите возрасни граѓани ќе можат да побараат дозвола за одгледување и консумирање свој канабис. Пушењето во јавност и пред деца е забрането. Во пресудата не е спомната комерцијализацијата на марихуаната.

Оваа одлука следува откако законот за легализација на марихуаната заглави во парламентот.

„Ова е историски ден за нашите слободи“, изјави претседателот на врховниот суд, Артуро Салдивар.

Долниот дом на мексиканскиот парламент одобри закон за легализација на рекреативното користење марихуана, но пред да стапи на сила, тој треба да биде усвоен и во Сенатот. Законот ќе им овозможи на сите возрасни лица да поседуваат до 28 грама марихуана и да одгледуваат најмногу осум стебла во домашни услови за лична употреба. Моментално е незаконски да се поседуваат повеќе од пет грама.