ЗАФИР НИ ГИ ГРАБАШЕ ДЕВОЈКИТЕ, СЕ РАСПЛАКА РЕЖИСЕРОТ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ НА КОНЦЕРТОТ ПОСВЕТЕН НА ХАЏИМАНОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Публиката во Филхармонијата на концертот посветен на музичарот и актер Зафир Хаџиманов сношти топло ја пречека и на нозе ја испрати Бисера Велетанлиќ, големата пејачка која на 81 година пее како во своите најдобри денови.

Велетанлиќ настапи заедно со својот внук Васил, синот на Зафир Хаџиманов, со два нејзини најголеми хита, кои, како што рече, Зафир многу ги сакал: „Мило мое“ (Мило моје) и „Златен ден“ (Златни дан).

„Ајде Македонци, знаете да пеете убаво кога сакате. Зафирче би сакал да ве слушне“, кажа пејачката, која ѝ е сестра на Сенка Велетанлиќ, сопругата на Зафир Хаџиманов.

Поради здравствени причини, таа останала во Белград и не дојде на концертот кој го организираше „Авалон“.

Бисера Велетанлиќ на 81 година пее како во своите најодбри денови (Фото: К. Попов)

Режисерот Коле Ангеловски, кој беше близок пријател со Хаџиманов, раскажа неколку забавни приказни од нивното дружење.

„Како млади заедно одевме на летување во Ичичи. Тој беше најубав во друштвото, ни ги грабаше девојките. Едно лето запозна Италијанка од Трст. Таа љубов траеше една недела, но родителите на девојката по летувањето го земаа Зафир на гости кај нив во Трст, па го вратија назад“, се присети Ангеловски.

Потоа раскажа дека кога Хаџиманов добил улога во мјузикл во Бостон, каде што студирал син му, и кога го известиле дека не можат да го платат затоа што не е член на нивниот синдикат, тој рекол: „Не морате да ме платите. Направете Васил да добие стипендија за постдипломски студии. Голем човек беше Зафир“, кажа Ангеловски и се расплака на крајот од говорот.

Коле Ангеловски студирал со Зафир Хаџиманов во Белград и заедно ја основале музичката група „Димас“, а првиот аматерски настап им бил на Деве Баир во Бугарија (Фото: К. Попов)

Привилегија за публиката беше што ја виде и слушна Марта Хаџиманов, миленичката на дедо, како што Васил Хаџиманов ја претстави својата ќерка. Таа е оперска и џез пејачка која студира во Германија и неодамна настапила во Берлинската филхармонија. Марта Хаџиманов заедно со Виктор Тумбас, како некогаш дуетот Сенка и Зафир, ја испеаја „Љуби ме и главата горе“.

Марта Хаџиманов ја испеа омилената на дедо ѝ, „Саноќ седам Трено“ и „Љуби ме и главата горе“ во дует со Виктор Тумбас (Фото: К. Попов)

Богат музички и приватен живот имал Зафир Хаџиманов, а син му на најубав начин го раскажа тоа низ приказни и со песните кои ги создавал, ги пеел, но и тие што не биле негови, а ги сакал. Затоа вистински избор беше Калиопи со „Приспивна за реката“, која Васил Хаџиманов ја нарече негова сестра.

Последната песна чии стихови ги напишал Зафир Хаџиманов, „Камен“, ја испеа актерот Никола Ристановски (Фото: К. Попов)

Впечатлив гостин беше и актерот Никола Ристановски, кој ја испеа последната песна на Зафир Хаџиманов, „Камен“, за која стиховите ги напишал тој, а музиката син му. Сашо Гигов-Гиш ги доби највеселите песни „Земи момче Македонче“ и најголемиот хит „Како Вардар“.

Сашо Гигов-Гиш ги испеа највеселите песни од Зафир Хаџиманов (Фото: К. Попов)

„Тешко е да се свират сите овие песни, а него го нема тука“, кажа Васил Хаџиманов и раскажа дека како горд кавадарчанец по потекло татко му правел вино и ракија во селото Сланкамен во Војводина, а тој му ја напишал песната „Сланкамен“. Хаџиманов од син му, сепак, најмногу ја сакал инструменталката „Охрид“.

Васил Хаџиманов ја нарече Калиопи негова сестра (Фото: К. Попов)

На концертот, вокално изостана легендарната „Од љубов не се бега“, но Васил Хаџиманов на најубав начин го заврши концертот, свирејќи ја сам на клавир на бис.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ