Оваа есен, Земјата на кратко ќе добие втора месечина.
Според студија објавена оваа недела, астероид со должина на градски автобус ќе биде заробен во гравитациското влечење на Земјата и ќе орбитира околу неа, станувајќи минимесечина. Тој ќе биде близу Земјата од 29 септември до 25 ноември, пред да се врати дома, во астероиден појас кој се врти околу сонцето.
„Објектот што ќе нѐ посети му припаѓа на астероиден појас Арџуна, секундарен појас направен од вселенски карпи кој следи орбити многу слични на оние на Земјата“, изјави Карлос де ла Фуентес Маркос, универзитетски професор од Мадрид и главен автор на студијата.
Тој објаснува дека некои астероиди од Арџуна можат да дојдат релативно блиску до Земјата, на околу 4,5 милиони километри оддалеченост.
„Ако притоа одат релативно бавно за астероиди, со брзини од 3.540 километри на час, тогаш нивните патеки стануваат посилно погодени од гравитацијата на Земјата од вообичаено. Во овие услови, објектот може да стане привремена месечина на Земјата“, рече Маркос.
Астероидот долг околу десет метри првпат бил откриен на 7 август. Неговото враќање во орбитата на Земјата се очекува во 2055.
Астрономите велат дека ова не е прва минимесечина на Земјата, туку вакви настани имало и во 1981 и 2022 година.
Фото: К. ПОПОВ