Американските астронаутки Кристина Кох и Џесика Меир денеска излегоа од Меѓународната вселенска станица, станувајќи прв женски тим во историјата кој бил на прошетка во вселената.
Предвидено е тие да останат околу пет и пол часа надвор од станицата и нивната мисија ќе биде да заменат расипан уред за полнење соларни батерии.
Ова е четврта вселенска прошетка за Кох, додека Меир излезе за првпат. Кох живее во вселената од март, додека Меир ѝ се придружи во септември.
Светлана Савицкаја во јули 1984 година стана прва жена која излегла во вселенска прошетка и иако оттогаш тоа го направија уште 13 астронаутки, тие секогаш биле придружувани од машки колега.
Оваа прошетка требаше да се случи уште во март, но НАСА ја одложи бидејќи немаше соодветни одела за астронаутките.