26 ОПШТИНИ ЌЕ СЕ ЧИСТАТ ВО ВТОРАТА ЕКОЛОШКА АКЦИЈА „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ ВО МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дваесет и шест општини ќе бидат вклучени во големата годишна еколошка акција „Генералка викенд“, што ќе се спроведе од 6 до 8 мај. Зад проектот стојат Гордана Софија и Австриецот Ханес Јекл, кои за минатогодишната генералка ангажираа „армија“ од 1.000 чистачи, при што за три дена беа собрани над 175 тони отпад.

Една година подоцна, „Генералка викенд“ прерасна во најголемата организирана акција на чистење и селектирање отпад во земјава, во која, според најавите, ќе учествуваат 6.000 волонтери.

„Ова е единствената акција во која се вклучени сите слоеви на општеството, кои ја чистат нивната непосредна околина со една цел: собирање на отпадот од минатото и рециклирање во зелена иднина за нас и за идните генерации“, велат организаторите.

Со акцијата ќе бидат опфатени општините Аеродром, Берово, Битола, Град Скопје, Ѓорче Петров, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Сарај, Теарце, Велес, Валандово, Босилово, Демир Капија, Гостивар, Крушево, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип, Гевгелија, Конче и Струмица. На 9 мај ќе има специјална акција во Дебар, а на 17/18 мај во Шуто Оризари.

Планирано е за секои десет килограми собран отпад да се посади едно дрво. Акцијата се организира во соработка со „Пивара Скопје“ и „Пакомак“ и е поддржана од Министерството за животна средина.

Г. КОНЕВ