НАУЧНИЦИТЕ ОСМИСЛИЈА ДИЕТА ШТО ТРЕБА ДА ЈА СПАСИ ПЛАНЕТАТА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Научниците осмислија диета за која велат дека може да спаси животи и нахрани десет милијарди луѓе, без да предизвикува катастрофални штети на планетата.

Ја нарекоа „планетарна здрава диета“ и иако најголем дел протеини би добивале од јаткасти плодови и мешунки, таа не исклучува месни и млечни производи во целост. Таа треба да ги сврти луѓето кон храната што повеќемина ретко ја јадат, црвеното месо да се ограничи на еднаш неделно, а голем стек на еднаш месечно.

Сè уште би можеле да јадете неколку порции риба и пилешко во текот на недела, но остатокот протеини треба да доаѓа од растенија. Истражувачите тука предлагаат секој ден да се јадат јаткасти плодови и мешунки и половина од оброкот да бидат овошје и зеленчук.

„Цивилизацијата е во криза. Ние веќе не можеме да создаваме доволни количества здрава храна за целата популација. Ако почнеме да јадеме на начин што позитивно ќе влијае врз планетата, природната рамнотежа ќе се обнови“, вели Ричард Хортон, уредникот на медицинското списание „Лансет“, кое го спроведе истражувањето.

Менито на иднината би требало да изгледа вака:

  • јаткасти плодови: 50 грама дневно
  • мешунки: 75 грама дневно
  • риба: 200 грама неделно
  • јајца: едно неделно
  • месо: 100 грама црвено месо и 200 грама пилешко неделно
  • јаглехидрати: 232 грама леб и ориз и 50 грама скробен зеленчук дневно
  • млечни производи: една чаша млеко
  • 300 грама зеленчук и 200 грама овошје
  • во диетата има место и за 31 грам шеќер и 50 грама масло.

Планот предвидува начинот на исхрана да се промени на сите страни на светот, при што Европа и Северна Америка би морале драстично да ја намалат употребата на црвено месо. Научниците сметаат дека со оваа диета би се спасиле 11 милиони животи годишно.