„Хјундаи“ го создаде првиот роботски автомобил што оди, за кој верува дека би можел да биде корисен во зони за спасување и кризни ситуации, каде што и најробустните 4х4 возила не можат да се пробијат.

Неговото име е „елевејт“ и во него, технологијата од електричните автомобили е споена со напредна роботика, со што може да искачува ѕидови високи еден и пол метар, да преминува еден и пол метар широки дупки и да поминува преку купови остатоци, во што помагаат и четирите целосно артикулирани роботски нозе.

„Елевејт“ може да се вози како традиционален електричен автомобил, а кога ќе налета на терен што тешко се поминува, тој почнува да ги користи своите вешти нозе за да се движи во која било насока. Тој може да оди со пет километри на час, а за нозете се користат истите батерии како за моторот.

„Хјундаи“ го покажа концептот на Саемот на електроника во Лас Вегас, заедно со паметен електричен автомобил кој знае сам да се паркира, дополни и врати дома.