ДВИЖЕЊЕТО „БЕЗ ШАМПОН“ Ѝ ДАВА НОВА ДИМЕНЗИЈА НА ВАШАТА КОСА

Берлин, (ДПА)

Поддржувачите на движењето „без шампон“ сметаат дека луѓето не би требало да ја мијат косата со синтетички шампони и дека таа навика лесно може да се замени. Регенераторот и маските за коса, исто така, можат да се избегнат, велат тие. Нормално дека ќе ви треба време додека се навикнете, но вистината е дека има многу позитивни причини зошто да се отстрани таа навика.

„Обичните шампони содржат многу вештачки состојки, кои можат да предизвикаат иритација или трајно да го оштетат скалпот. Многу синтетички ароми можат да предизвикаат алергии и да го зголемат нивото на киселини. Исто така, колку почесто ја миеме косата со шампон, толку повеќе маснотии произведува скалпот“, вели дерматологот Ита Шлосбергер.

Трендот „без шампон“ се заснова врз теоријата дека кога престануваме да користиме комерцијални шампони и други производи, косата се враќа во својата природна состојба. На овој начин, потенката коса добива волумен, а густата станува помека.

Меѓутоа, оваа теорија не подразбира немиење на косата.

Стилистката Ања Гајслер препорачува да се користат четки со природни влакна, како, на пример, од дива свиња, кои при чешлање ги чистат косата и скалпот од нечистотии и прашина.

А, освен вода, можете да користите сода бикарбона, мед или оцет, кои, исто така, го чистат скалпот и ѝ даваат свежина и хранливи состојки на косата.