ЕДНО ЈАЈЦЕ НА ДЕН ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД СРЦЕВИ БОЛЕСТИ, ВЕЛИ АВСТРАЛИСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

Сиднеј, (Јуроњуз)

Редовното консумирање јајца може да биде поврзано со помал ризик од смртни случаи од кардиоваскуларни болести кај повозрасните, покажа ново истражување на Универзитетот Монаш во Австралија. Тие следеле над 8.700 лица на возраст од 70 години и постари.

Оние кои пријавиле дека јадат едно до шест јајца неделно покажале 15 отсто помал ризик од смрт од која било причина во споредба со оние кои јаделе јајца двапати месечно или помалку. Според резултатите објавени во списанието „Nutrients“, лицата кои јадат редовно јајца имаат за 29 отсто помал ризик од смрт поврзана со кардиоваскуларни болести.

„Нашите резултати покажуваат дека јадењето до шест јајца неделно може да го намали ризикот од смрт од сите причини и од кардиоваскуларни болести кај постарите лица. Овие наоди можат да бидат корисни во развојот на упатства за исхрана за постарите лица“, рече Холи Вајлд, професорка по епидемиологија и превентивна медицина на Универзитетот Монаш.

Јајцата се извор на протеини и есенцијални хранливи материи, како Б витамини, фолна киселина, незаситени масни киселини, витамини растворливи во масти (Е, Д, А и К) и бројни минерали.

(Фото: Канва)