Зависниците од кафе кои пијат и до 25 шолји на ден можат да бидат спокојни, затоа што научниците велат дека тоа не е штетно за здравјето.

Некои претходни истражувања сугерираа дека кафето ги стеснува артериите и го зголемува срцевиот притисок, а со тоа и можноста од срцев или мозочен удар, при што корисниците беа предупредувани да намалат со пиењето.

Но, една нова студија спроведена во Велика Британија покажа дека пиењето пет, па дури и 25 шолји кафе на ден не е ништо поштетно за артериите од пиење само една шолја. Резултатите беа објавени на конференцијата на Британското кардиоваскуларно друштво во Манчестер.

Сите учесници во истражувањето, од кои некои пиеле помалку од една, а некои до 25 шолји на ден, биле подложени на испитувања на срцето и на пулсот, при што предвид биле земени и фактори како возраст, тежина и пушачки статус.

„Кафето е популарен пијалак низ цел свет и досега имаше различни извештаи за неговите ефекти врз здравјето. Нашето истражување покажа дека кафето воопшто не е лошо за артериите“, вели д-р Кенет Фанг од лондонскиот универзитет „Квин Мери“.