МАЛКУ ВЕЖБАМ, ЈАДАМ САМО РИБА И ЗЕЛЕНЧУК, ВЕЛИ ХАРИСОН ФОРД ЗА СВОЈАТА ОДЛИЧНА ФОРМА НА 77 ГОДИНИ

Њујорк, (Дејли мејл)

Харисон Форд ја откри тајната на својот завиден физички изглед на 77 години.

Гостувајќи во шоуто на Елен ДеЏенерис, ѕвездата на „Индијана Џонс“ и „Војна на ѕвездите“ кажа дека малку вежба, а поголемо внимание ѝ посветува на исхраната.

„Не сакам да вежбам како луд. Вежбам малку, возам велосипед и играм пинг понг“, кажа Форд.

Тој додаде дека сфатил дека јадење месо не е добро за него.

„Едноставно, се уморив од јадење месо. Сфатив дека ако нешто не е добро за планетата, тогаш не е добро ни за мене. Мојата исхрана е здодевна и главно се состои од зеленчук и риба, без млечни производи и месо“.

Во една сцена од новиот филм „Повик на дивината“ Форд се појавува разголен и вели дека поради неговата одлична форма немало потреба од ефекти.

„Сѐ е природно на мене. Здрав сум и фит и сакам да бидам активен. Свесен сум дека треба да работам на себеси“, вели Форд, кој на пролет ќе почне со снимањето на петтиот дел на „Индијана Џонс“.