Перцепцијата на топлината кај луѓето варира, а улога во тоа има и полот. На жените многу побрзо им застудува отколку на мажите.
„Жените обично имаат помала мускулна маса и побавен метаболизам и генерираат помалку топлина“, вели Ралф Брандес, професор по физиологија на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт.
Поголема мускулна маса го забрзува метаболизмот дури и во мирување, што значи дека согоруваме храна за побрзо да го нахраниме нашето тело, а тоа е процес што го загрева телото. Контракциите на скелетните мускули, без разлика дали се доброволни или неволни, се примарен извор на производство на топлина.
„Причината зошто мажите обично имаат поголема мускулна маса најверојатно лежи во еволутивната историја. Додека праисториските мажи ловеле, при што се движеле наоколу и создавале топлина, жените и децата често останувале во нивните живеалишта. Жените се подобри во централизирањето на топлината, со насочување повеќе крв што носи топлина во јадрото на нивното тело, но циркулацијата на крвта до рацете, стапалата, носот и усните е ограничена“, вели Рудигер Келинг, директор на Институтот за физиологија при Универзитетот во Росток.
Ова им дава приоритет на виталните органи на жените, вклучувајќи ги репродуктивните органи.
„Но, тоа значи и дека женската кожа се лади побрзо, што може да се види во сините усни и бледите, бели раце“, додаде Келинг.
Според Брандес, и на повозрасните луѓе брзо им пристудува бидејќи поретко вежбаат, губат мускулна маса и имаат побавен метаболизам. Така нивните тела создаваат помалку топлина и им е постудено отколку кога биле помлади.
„За жал, бавниот метаболизам е дел од стареењето“, вели Брандес.
Фото: Ѓ. Личовски