Бројот на зони на чист воздух во Европа пораснал за 40% од 2019 година, што тргна од улиците бројни стари возила кои повеќе загадуваат, се вели во нов извештај на ЕУ. Зоните на ниски емисии (ЛЕЗ) се воведени во 320 европски града и се очекува оваа бројка да се зголеми на 507 до 2025.
„Зоните на чист воздух се еден од најефективните начини за справување со аерозагадувањето во нашите градови. Апелираме до градските челници да донесат тешки одлуки, за да го трансформираме воздухот што го дишеме и да го намалиме бројот на автомобили кои загадуваат“, изјави Оливер Лорд, шефот на британскиот оддел на Кампањата за чисти градови, која го спроведе истражувањето.
Аерозагадувањето е одговорно за повеќе од 300.000 предвремени смртни случаи годишно во ЕУ, според Светската здравствена организација.
Зоните на чист воздух се покажаа како делотворна контрамерка. Во Мадрид, концентрациите на азот диоксид се намалиле за 32% откако овие зони беа воведени во 2018.
Италија ја предводи европската листа на чист воздух со 172 прогласени зони, па следуваат Германија со 78, Велика Британија со 17, Холандија со 14 и Франција со осум. Во централна и источна Европа засега има малку зони на чист воздух, но Полска и Бугарија најавија воведување нови во следните месеци.