Загрижувачки голем број адолесценти во Европа практикуваат секс без заштита, со што се зголемува ризикот од сексуално преносливи болести и непланирана бременост, вели нов извештај на Светската здравствена организација (СЗО). Во него се предупредува на значајно намалување на употребата на кондоми кај тинејџерите во споредба со 2014 година.
Бројот на сексуално активни 15-годишници кои користат кондоми се намалил од 70% на 61% во периодот меѓу 2014 и 2022 година. Во исто време, стапката на користење контрацептивни апчиња останала стабилна.
Истражувањето опфати 242.000 15-годишници од 42 држави и осум региони во период од осум години.
„Иако наодите од извештајот се застрашувачки, тие не се изненадувачки. Сеопфатното сексуално образование соодветно на возраста останува занемарено во многу земји, а таму каде што е достапно, во последниве години сѐ повеќе е на удар на лажните премиси дека поттикнува сексуално однесување. Вистината е дека опремувањето на младите со вистинско знаење во вистинско време води до оптимални здравствени резултати и одговорни избори и однесување“, рече Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести од 2022, случаи на гонореја се зголемиле за 48%, сифилис за 34% и кламидија за 16% во споредба со претходната година.