НЕЗДРАВАТА ИСХРАНА УБИВА ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ ОД ЦИГАРИТЕ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Сиетл, (Гардијан)

Нездравата исхрана е одговорна за 11 милиони смртни случаи во светот годишно, повеќе од цигарите, покажа ново големо истражување.

„Сепак, најголемиот проблем не е брзата храна, туку тоа што не ја јадеме хранливата храна“, велат истражувачите, повикувајќи ги властите повеќе да промовираат овошје, зеленчук, јаткасти плодови и мешунки во исхраната.

И додека шеќерот и трансмастите се штетни, многу повеќе смртни случаи се предизвикани од недостигот на здравите состојки во нашата исхрана, покажа студијата, што ја објави Институтот за евалуација на здравјето од Сиетл.

Срцеви и мозочни удари се најчеста причина за смрт поврзана со исхраната, па следуваат разни типови рак и дијабетес-2. Според студијата, еден од пет смртни случаи може да се спречи ако се јаде и пие поквалитетно.

Лошата исхрана била причина за смрт на 10,9 милиони луѓе во 2017 година, а цигарите на осум милиони. Израел имал најниска стапка на смртни случаи поврзани со исхраната, 89 на 100.000 луѓе, па следуваат Франција, Шпанија и Јапонија. На последното место на оваа листа е Узбекистан со 892 случаи.