ХОАКИН ФЕНИКС ПРВ ЌЕ ГО ПРЕТСТАВИ ЏОКЕР КАКО АРТУР ФЛЕК

Лас Вегас, (Би-Би-Си)

Џокер како лик досега се појавил во многу филмови, но Хоакин Феникс е првиот актер кој ќе ни го прикаже како Артур Флек.

Првиот трејлер за „Џокер“ беше објавен за време на конвенцијата „СинемаКон“ во Лас Вегас и во него ќе ја видиме трансформацијата на Флек како стендап комичар во еден од најголемите непријатели на Бетмен. Досегашните верзии на Џокер, во изведба на Џек Николсон, Хит Леџер и Џаред Лето, не открија многу за негово минато, бидејќи во прв план секогаш беше Брус Вејн/Бетмен.

Во „Џокер“, Артур Флек живее во Готам Сити, ја посетува психијатриската установа „Аркхем“ и сака да носи кловновски костим, додека постепено го губи допирот со реалноста.

„Мајка ми секогаш ми вели да се смеам и да имам насмеано лице. Таа ми кажа дека имам цел, а тоа е да му носам смеа и радост на светот“, вели Флек во трејлерот.

Во режија на Тод Филипс, „Џокер“ доаѓа во кината на 4 октомври, а покрај Феникс, играат и Роберт де Ниро, Цаци Биц и Френсис Конрој во улогата на мајката на Флек.