ОДЕЊЕТО БОС ПО ДОМА ГИ ЗАЈАКНУВА МУСКУЛИТЕ НА СТАПАЛОТО, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИТЕ ДОКТОРИ

САД, (Њујорк пост)

Лекарите имаат поделени мислења за тоа дали по дома треба да шетаме боси или е подобро да се носат чорапи или влечки. Додека некои ги нагласуваат здравствените придобивки, други предупредуваат на потенцијалните ризици од контактот на кожата со подот.

Клиничкиот ортопед Роберт Конело истакнува дека одењето без влечки е корисно за зајакнување на мускулите на стапалото.

„Јас сум голем поборник за одење бос бидејќи тоа ја зголемува внатрешната мускулна сила на стапалата“, кажа Конело.

Како што старееме, нашите мускули природно слабеат, а обувките дополнително го намалуваат нивното активирање, што може негативно да влијае на мобилноста.

„Многу од проблемите што ги гледам во мојата пракса произлегуваат од неможноста да се активираат овие мускули, што ги отежнува нормалното движење и метаболичката ефикасност“, додаде Конело.

Од дерматолошка гледна точка, д-р Хана Копелман ги гледа придобивките од одењето бос.

„Одењето бос дома ѝ овозможува на кожата да дише, намалувајќи ги наталожувањето влага и ризикот од габични инфекции“, рече таа.

Копелман предупредува дека подовите можат да бидат надразнувачи и алергени поради хемикалиите од производи за чистење, прашина и влакна од домашни миленици. Луѓето со чувствителна кожа, дерматитис, егзема, дијабетес или слаба циркулација треба да бидат особено внимателни.

„Дури и мала повреда на стапалото може да доведе до сериозни здравствени проблеми кај овие лица“, вели Копелман.

Иако чорапите не даваат целосна заштита како чевлите, лекарите се согласуваат дека тие можат да бидат корисни.

„Тие служат како филтер меѓу вашите стапала и тврдиот под“, објаснува Конело.