ПЕШТЕРСКИ СИНДРОМ – ПОВТОРНАТА СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА ЗА МНОГУМИНА Е ТЕШКА ПО ДОЛГАТА ИЗОЛИРАНОСТ

Берлин, (ДПА)

Со месеци носевме заштитни маски, се држевме на дистанца и избегнувавме интеракции што е можно повеќе поради коронавирусот. Сè уште се препорачува претпазливост, иако рестрикциите се олабавени и дозволено е да се прават многу работи, како што е излегување со пријатели.

По долго време наметнатата изолација, многумина имаат проблеми со повторната социјализација. Експертите велат дека тоа не е изненадување, туку е феномен кој дури има и име – пештерски синдром. Дури и кога се вакцинирани, овие лица преферираат да останат дома.

„Иако пештерски синдром звучи како болест, тоа, всушност, е нормално однесување. Тоа е предизвикано од нашиот нов страв од коронавирусот. Научивме дека социјалните контакти се потенцијално опасни, бидејќи можеме да се заразиме, дури и да умреме. Тој страв нè прави претпазливи и би било неприродно веднаш да се отфрли стравот. Овој синдром е како одложена адаптација“, вели психијатарот Клас-Хинрих Ламерс.

Свен Штефес-Холендерс, специјалист по психосоматска медицина и психотерапија, вели дека луѓето се адаптираат со различно темпо.

Некои не можат да надоместат сè што пропуштија, а други се засолнија во нивните ‘пештери‘. Тоа носи цена и се соочуваат со анксиозност“, смета тој.

Стравот од зараза не секогаш е причината. Некои луѓе едноставно се чувствуваат многу покомфорно кога се сами. Луѓето со социјална анксиозност можеби имаат развиено патолошки страв од контакти после долготрајните рестрикции и во тој случај се препорачува психотерапија. За многумина, пештерскиот синдром постепено ќе исчезне.

Како што моравме да се навикнеме да живееме со коронамерките, така треба да научиме да се вратиме во нормала.

Можеме да се ослободиме од стравовите така што ќе се ставиме во ситуации од кои се плашиме. Ќе забележиме дека тие и не се така страшни“, вели Ламерс.