АВСТРАЛИЈЦИТЕ И НОВОЗЕЛАНЃАНИТЕ РАЗВИЛЕ НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА ВО НАУКАТА ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Окленд, (Гардијан)

Како што се разгоруваше пандемијата на ковид-19, Австралијците и Новозеланѓаните го развиле највисокото ниво на доверба во науката на светот, покажа ново истражување.

Wellcome Global Monitor испитал 119.000 луѓе во 113 држави. Притоа било утврдено дека 62% од граѓаните во овие две држави многу им веруваат на научниците, додека глобалниот просек изнесува 41%.

Во 2018, најголема доверба во науката имало во западна Европа, но овој регион во меѓувреме бил надминат од Океанија.

Во првата година од пандемијата, Австралија и Нов Зеланд беа фалени за своите стратегии за борба против ковид-19, кои ги следеа препораките на експертите за јавно здравје. 62% од жителите рекле дека одлуките на владите биле засновани врз советите на научниците, во споредба со 25% во Северна Америка и 43% во западна Европа.

„Не сум изненадена од резултатите. Австралија и Нов Зеланд имаа технократски одговор на пандемијата, а научниците станаа добро познати јавни личности, често работејќи во тандем со владата“, вели Лара Гривс, коавторка на истражувањето.