Појадокот пред 9 часот може значително да го намали ризикот од депресија, според ново истражување.
Научниците откриле дека мажите и жените кои јаделе по 9 часот имаат 28 отсто поголеми шанси да страдаат од лошо расположение и ментални здравствени проблеми во споредба со оние кои појадувале пред 8 часот наутро. Уште полоши резултати постигнале луѓето кои целосно го прескокнале појадокот.
Податоците покажуваат дека речиси половина од луѓето во Велика Британија немаат време за соодветен појадок, а третина од оние кои си купуваат појадок на пат кон работа, јадат на своето биро. Но, се чини дека оваа навика може да има сериозни последици по менталното здравје.
Лекарите од Универзитетот Ксиан Џиаотонг во Кина ги проучувале навиките во исхраната на речиси 24.000 луѓе во текот на 11 години. Тие следеа колку често волонтерите појадуваа и во кое време го јадеа првиот оброк во денот. Резултатите покажале дека оние кои редовно појадувале имаат помали шанси да развијат депресија во споредба со оние кои често го прескокнувале појадокот.
Друго интересно откритие покажа дека луѓето кои јаделе пред 8 часот имаат помал ризик од проблеми со менталното здравје во споредба со оние кои појадувале во 9 часот или подоцна.
Иако не е сосема јасно зошто јадењето доцна или прескокнувањето на појадок може негативно да влијае на менталното здравје, една теорија сугерира дека тоа би можело да биде поврзано со лошиот сон, пасивен начин на живот или недостаток на дневна мотивација, сите потенцијални знаци кои укажуваат на нарушено ментално здравје .
Податоците од Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија покажуваат дека секој шести возрасен човек редовно доживува умерени до тешки симптоми на депресија.
Фото: Фрипик