ПРИСТИГНА ГОДИНАТА НА ЗАЈАКОТ И ТРЕБА ДА ДОНЕСЕ СМИРЕНОСТ И ПРОМИСЛУВАЊЕ

Пекинг, (АП)

Од Џакарта до Сеул, од Бангкок до Пекинг, луѓето низ Азија и секаде во светот каде што има поголема азиска заедница ја слават Лунарната нова година, при што вчера настапи Годината на зајакот.

Лунарната нова година е најважниот празник во кинескиот календар, време на семејни собири и обединувања и се верува дека секоја година во кинескиот хороскоп ги носи особините на соодветното животно. Така Годината на зајакот треба да донесе смиреност и промислување.

(Фото: Гети)

Секое животно дополнително е поврзано со еден од петте елементи (дрво, оган, земја, метал или вода), па попрецизно, 2023 е годината на водениот зајак. Сметан за најсреќното животно во кинескиот хороскоп, зајакот важи и за симбол на просперитет, изобилство и плодност.

„Годината на водениот зајак е доста посебна, сите елементи се во јин. Комбинацијата од зајак и вода е необична, зашто зајакот го претставува дрвото. Ова ќе биде понежна година, ќе имаме време да здивнеме. Бевме во тунел во последните неколку години и сега светлината станува сè поголема“, вели Тјери Кроу, експерт по геомантија од Хонгконг.

(Фото: ДПА)