ШВЕДСКА Е ЗЕМЈА НА ШУМИ И ДИВИНА КАДЕ СЛОБОДАТА ДА СЕ УЖИВА ВО ПРИРОДАТА Е ВГРАДЕНА ВО УСТАВОТ

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Љубовта кон природата долго време има посебно место во колективното срце на Швеѓаните. Уште во средновековните времиња, Шведска го присвоила концептот наречен allemansrätten, што во слободен превод значи „право да се лута“ и се однесува на големите природни пространства на земјата.

Формално вграден во шведскиот устав во 1990-ите, националниот закон за лутање значи дека Швеѓаните и странците смеат да скијат, возат велосипед, пливаат, кампуваат, дури и да качуваат замрзнати водопади секаде во Шведска што не е приватен имот. А, имајќи предвид дека 97% од земјата се ненаселени и многу малку патеки и плажи се приватни, во Шведска не недостига прекрасни локации и предели за истражување. Две третини од земјата се покриени со шуми, има 30 национални паркови, 4.000 природни резервати кои покриваат област голема колку соседната Данска, речиси 270.000 острови и илјадници километри велосипедски патеки.

Во Шведска, шумски колиби често се пренесуваат од една на друга генерација (Фото: Алами)

Allemansrätten се однесува и на права и обврски и значи дека треба да се однесуваш одговорно и да искажеш почит кон земјопоседниците и други посетители. Ние ја имаме таа мантра ‘не вознемирувај, не уништувај‘, со која растат децата“, вели Емели Торнгрен, која организира детски активности за Шведската асоцијација на надворешни активности.

Според Лусин Маргарјан од Универзитетот во Естерсунд, страста на Швеѓаните да го поминуваат времето надвор е поврзана со фактот дека индустријализацијата во Скандинација се случила релативно доцна во споредба со најголемиот дел од Европа. Некогаш земја на фармери, во Шведска имало многу малку урбани области до крајот на 19. век. Во Шведска и денес нема градови со повеќе од еден милион жители, а голем број Швеѓани живеат во ретко населени области, разделени со дивина.

Шведска нема Ајфелова кула, Нијагарини водопади, Биг Бен или Сфинга. Швеѓаните имаат нешто друго: слобода да лутаат“, стои на интернет страницата на Националната туристичка организација.