СЛОВАЧКО-АВСТРИСКИОТ ГОТВАЧ ФИЛИП ОНДРУШЕК ЌЕ ГИ ИСТРАЖУВА ВКУСОВИТЕ НА ОХРИД, ПРЕСПА И МАРИОВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Познатиот готвач со словачко-австриско потекло Филип Ондрушек од 19 до 26 мај ќе престојува во Македонија и како гостин на „Слоу Фуд Македонија“ ќе ги истражува автентичните македонски вкусови, локалните производи и традиционалната кујна.

Наместо луксузни ресторани, Ондрушек ќе ги посети локалните пазари, производители и селски домаќинства во Охрид, Битола, Преспа и Мариово, со цел да го открие потенцијалот на македонската кујна како современ гастрономски бренд.

Во рамки на посетата, тој ќе одржи мастерклас на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на тема локални состојки, сезонски менија и гастрономија без отпад, а ќе учествува и на панел за „зелено гостопримство“ во винарија.

Гастрономската тура продолжува во Преспа и Пелагонија, каде што ќе се запознае со подготовката на традиционалното ѓомлезе, ќе ги посети селата Дихово и Буково, како и Мариово и селото Зовиќ. Посетата ќе заврши со гала вечера.

Организатори на настанот се „Слоу Фуд Македонија“, „Слоу Фуд Охрид“, „Слоу Фуд Битола“ и Алијансата на готвачи на „Слоу Фуд Македонија“.