СУСАМОТ Е БОГАТ СО КАЛЦИУМ И ПОМАГА ВО СПРЕЧУВАЊЕТО НА ОСТЕОПОРОЗАТА

Лондон, (Дејли експрес)

Семето од сусам можеби е мало, но е добро за здравјето на коските. Овие семиња можат да имаат важна улога во спречувањето на остеопорозата.

Сусамот е исклучително богат со калциум, минерал од суштинско значење за силни коски и заби, но и за правилно функционирање на мускулите и срцето и згрутчување на крвта. Сто грама сусам можат да обезбедат дури 96 отсто од препорачаното дневно внесување на калциум. Според Националната здравствена служба на Велика Британија, на возрасните им требаат околу 700 милиграми калциум дневно, а недостатокот може да доведе до проблеми како што се остеопороза и рахитис.

Остеопорозата е болест која се развива бавно и често останува неоткриена додека не дојде до фрактура. Во потешки случаи, дури и едноставна кашлица може да предизвика фрактура на коските. Во многу случаи може да се спречи со правилна исхрана богата со калциум.

Покрај калциум, сусамот содржи и витамини Б6, магнезиум и протеини, хранливи материи кои придонесуваат за здравјето на мозокот, имунитетот и за целокупното функционирање на телото. Истражувањата покажаа дека редовното јадење семе од сусам може позитивно да влијае на јачината на коските, особено кај жените во постменопауза.

Додавањето сусам во исхраната е едноставно. Може да се јаде сиров, пржен или печен, а неговиот благ вкус на јаткаст плод совршено се вклопува во многу рецепти.

(Фото: Гети)