Бројката од над 900 учесници на втората детска трка „Мини трчај бе“ што денес се одржа во Битола, ги надмина и најоптимистичките очекувања на организаторите. Стотици деца на возраст од 4 до 12 години трчаа на Градското шеталиште на една од најмасовните детски трки во Регионот и пошироко. Ако лани, на првата трка имаше 380 деца, сега тој број беше скоро три пати поголем. Децата трчаа распоредени во девет категории на патеки со должина од 150 до 400 метри.
„Познатиот режисер Дејвид Линч рекол ‘денес сите носат очила за сонце за да ја гледаат иднината кој е многу светла’, а јас би додал дека иднината е уште посветла, таа е пред нашите очи и нема потреба да ја бараме на друго место. Исто така, писателот на „Малиот принц“ Антоан де Сент Егзипери рекол дека сите возрасни некогаш биле деца, но малку од нив го паметат тоа. Да не заборавиме што значи да се биде дете. Да им дадеме крилја и да ги поддржиме зашто се сите суперхерои и тие се наша иднината“, рече Никола Димитровски, организаторот на познатата градска трка „Трчај бе“, која секој септември се одржува во Битола, и по чија иницијатива се покрена и детската трка.
Целта е најмалите да ја прифатат физичката активност, да си поставуваат лични цели и да сонуваат за големи успеси.
„Битола има богата историја во атлетиката со АК Олимп, кој замре и се подзаборави, па ние го возобновивме со раѓањето на големата трка пред шест години, враќајќи го атлетскиот дух на градот. Денес, новите спортски надежи на битолската атлетика нижат успеси, не се враќаат од натпревар без освоен пиедестал. Оттука и идејата за детско издание на ‘Трчај бе‘, што не е само трка, тоа и прослава на нашите спортски таленти“, додаде Димитровски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА