Тајландската масажа е најновото име на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, со што беше призната како нешто што треба да се зачува за идните генерации.

Позната под името Нуад Таи, таа оригинално потекнува од Индија, но со векови се практикува во Тајланд, додека на светско ниво се популаризираше со отворањето на специјално училиште во 1962 година. Оттаму излегле повеќе од 200.000 професионални масери кои работат во 145 држави.

Нуад Таи денес е раширена низ цел свет и еден час вежби на истегнување и зацврстување на грбот чини не повеќе од пет долари.

Се верува дека овие методи биле донесени во Тајланд од лекари и свештеници пред 2.500 години.

„Тренинзите се доста напорни. Техниката е прецизна и мора да бидете свесни за многу работи“, вели Чилеанецот Сари, кој патувал во Бангкок за да се усоврши.

Истражувањата покажаа дека тајландската масажа помага при болки во грбот, главоболка, несоница, па дури и анксиозност.