Не е никаква новост дека во големите градови постојано се зголемува бројот на жители. Виена доби 300.000 нови жители за само 15 години, но градот фасцинантно се носи со тоа.
Главниот град на Австрија важи за позитивен пример кога се во прашање еколошки пракси и одржлив развој. Градот има свој бренд на органска храна, неколкупати беше прогласуван за најдобро место за живеење во светот и многу вложува во зазеленувањето. Градските власти неодамна донесоа одлука за претворање на голем паркинг во парк и простор за продажба на домашни производи.
Според последниот попис од 2019, во Виена живеат 1,89 милиони луѓе, десет години порано имал 1,68 милиони жители, а во новиот милениум влегол со 1,54 милиони. Притоа, површината на градот речиси и да не се променила, односно не се проширила на околните населби.
Тоа, сепак, не значи дека во градот не се градело во изминатите 15 години. Има нови згради и куќи, но урбанистичкото планирање е помудро и не се уништуваат зелени површини за станбено градење. Градот е посветен на економичното користење на земјиштето и на развојот на компактни и висококвалитетни методи на градење.
Една од познатите политики на Виена е „расчистување на земјиштето“, односно отстранување на асфалтот за да се ослободи терен за зелени површини. На овој начин се добиени дополнителни 50.000 квадратни метри зелени површини.
Населението на Виена нагло почна да расте во почетокот на овој век, а за да нема ширење кон околните населби, се пристапи кон адаптација на неупотребливи згради и простори. Таков пример е стара база за авиони затворена во 1977, каде што денес се наоѓа новата населба Зештат. Кога целиот проект ќе биде завршен во 2030, во населбата ќе живеат 25.000 луѓе и ќе бидат отворени 20.000 работни места.