АМЕРИКАНСКА ХЕМИЧАРКА ПРЕПОРАЧА ДА СЕ ДОДАДЕ МАЛКУ СОЛ ЗА ДА СЕ ДОБИЕ СОВРШЕНА ШОЛЈА ЧАЈ

Лондон, (Би-Би-Си)

Чајот важи за културна институција во Велика Британија, каде што секој ден се пијат околу 100 милиони шолји од овој пијалак. Сега една американска хемичарка тврди дека ја пронашла тајната на совршена шолја чај, така што додала малку сол во него.

Истражувањето на професорката Мишел Франкл предизвика доста врева во Велика Британија и дури повлече дипломатска интервенција од амбасадата на САД.

„Сакаме да ги увериме добрите луѓе во Велика Британија дека незамисливата идеја за додавање сол во британскиот национален пијалак не е официјална политика на САД и никогаш нема да биде“, објави амбасадата на Икс.

Ова сепак не е нова идеја и се спомнува уште во кинески записи од осмиот век, што Франкл ги проучувала за да го усоврши својот рецепт.

„Она што е ново е нашето разбирање на рецептот како хемичари. Солта делува како блокатор на рецепторот што му дава горчлив вкус на чајот. Со додавањето на многу мало, речиси незабележливо количество сол можете да ја отстраните таа горчливост. Мислам дека луѓето се плашат дека чајот ќе им стане солен“, изјави Франкл, порачувајќи им на Британците да пробаат пред да судат.

(Фото: Пекселс)