БАКИНГАМСКАТА ПАЛАТА ПРОИЗВЕДЕ ЏИН СО БИЛКИ ОД СВОИТЕ ГРАДИНИ

Лондон, (Лонли планет)

Бакингамската палата произведе џин кој содржи 12 билки рачно берени во градините на лондонската резиденција на кралицата Елизабета Втора. Овие градини се простираат на површина од 16 хектари и се дом на 30 видови птици и повеќе од 250 видови диви цвеќиња.

Тој неделава почна да се продава преку интернет и првата тура се распродаде во рок од осум часа по цена од 40 фунти за шише.

Парите од продажбата на џинот „Бакингамска палата“ ќе бидат наменети за одржување на еден милион артефакти од кралската колекција, која вклучува 7.000 уметнички дела и огромен број парчиња стар мебел. „Ројал колекшн траст“, компанија која се грижи за колекцијата, очекува загуба од 30 милиони фунти во наредната година поради пандемијата на коронавирусот.

„Ројал колекшн траст“ препорачува една доза од џинот да се стави во кратка чаша полна со мраз, па да додадете тоник и кришка лимон.