Британската влада ќе ги помогне малите концертни сали во земјата со 2,2 милиона фунти, со цел да се спречи нивното затворање по четири месеци без свирки и настапи поради пандемијата на коронавирусот.

Ова следува откако 1.500 музичари, вклучувајќи ги Пол Макартни, Дуа Липа и Лијам Галагер, потпишаа отворено писмо, повикувајќи да ѝ се даде поддршка на концертната сцена.

Околу 150 концертни сали во Англија ќе добијат помош, која во просек ќе изнесува по 15.000 фунти. Ќе има и поголеми грантови, до 80.000 фунти.

„Без малите концертни сали денес не би ги имале Елтон Џон, Адел или ‘Битлс‘. Речиси сите наши светски познати ѕвезди почнале во мали сали и клубови. Сакаме да им помогнеме да го преживеат ова ковид невреме“, изјави министерот за култура Оливер Дауден.