„Вестфлетерен“, особено неговата најтемна варијанта, важи за најбарано пиво на светот, но оние кои сакаа да го пробаат досега мораа прво да закажат, па да патуваат лично во Фландрија, Белгија.
Околу 800.000 литри од ова пиво се произведуваат годишно, а го прават 19-мина монаси од трапистичкиот манастир Сен Сикстус во гратчето Вестфлетерен. Но, дури и тие решија да се прилагодат на модерното време, па објавија дека ќе почнат да го продаваат своето пиво и преку интернет. Пивото повторно ќе мора лично да се преземе во продавницата на манастирот, но ќе се избегне долгото чекање да се нарача по телефон, имајќи предвид дека знаело да има и 85.000 повици во еден час.
Пакет со 24 шишиња купен на самото место чини 45 евра. Муштериите ќе мора да отворат профил на интернет-страницата, со што ќе се оствари директна врска со нив и ќе се спречи пивото да се појави во супермаркети, како што имаше случаи во минатото.
Пивото се прави во три варијанти, при што „вестфлетерен 12“, иако содржи 10,2% алкохол, редовно е прогласувано за најдобро пиво на свет.