Познато е дека Белгијците многу сакаат помфрит, но фармерите погодени од коронавирусот сега бараат од нив да јадат двојно повеќе.
Ромен Кулс од синдикатот на одгледувачите на компири вели дека тоа е прашање на преживување, додека овој голем сектор се соочува со загуби од 125 милиони евра поради актуелната ситуација. Околу 750.000 тони компири моментално се складирани низ земјата бидејќи затворањето на државите ја намали побарувачката и би можеле да бидат уништени.
„Ајде сите да јадеме помфрит двапати неделно, место еднаш“, кажа Кулс.
Од средина на март, рестораните и многу други пазари за компири во Белгија се затворени, а ситуацијата дополнително се влоши со откажувањето на низа пролетни и летни фестивали.
Белгија е еден од најголемите светски извозници на производи од компири, вклучувајќи замрзнат помфрит. Таа годишно праќа 1,5 милиони тони компири во повеќе од 100 држави.