Изминативе години, млеко од бадеми се наметна како најпопуларната замена за класичното млеко на светскиот пазар.
И додека млекото од ориз и од соја веќе одамна ги има по продавници, по што се појавија и други популарни видови, како млеко од кокос и од ф’стаци, млеко од бадеми моментално е омилениот алтернативен вид млеко во САД.
Според истражувањето на „Нилсен“, продажбата на млекото од бадеми се зголемила за 250% меѓу 2010 и 2015 година. Во 2015, овој бизнис донесол 600 милиони долари поголема заработка од втората најпопуларна млечна алтернатива – млеко од соја, додека вкупната вредност на глобалниот пазар на млечни алтернативи се проценува на 12 милијарди долари.
Очигледно, млекото од бадеми владее на овој пазар, но во САД се појави производ кој сериозно би можел да го загрози, откако компанијата „Елмхурст“ неодамна го претстави своето млеко од кикиритки.
„Тие се многу добар извор на протеини, поевтини се како суровина, бидејќи растат во земја и во САД имаме огромен потенцијал за нивно одгледување“, вели д-р Черил Мичел, главниот научник за храна во „Елмхурст“.
Имајќи ја предвид огромната популарност на путерот од кикиритки во САД, Мичел не се сомнева во успехот на нивниот најнов производ.
„Кикиритките отсекогаш се една од нашите најголеми љубови“, додава Мичел.