Нов вид јаболко што не се расипува една година од денеска ќе се најде во продажба во САД.

Наречено „космик крисп“, научниците почнале да го развиваат и одгледуваат во 1997 година на Државниот универзитет Вашингтон. Едно пакување на „цврстото, рскаво и сочно“ јаболко ќе чини 10 долари.

Фармери од сојузната држава Вашингтон добиле ексклузивно право да го одгледуваат јаболкото во наредните десет години. Во прв момент засадени се 12 милиони садници на „космик крисп“.

„Ова е ултрарскаво јаболко, релативно е цврсто, има добар баланс на благо и кисело и е многу сочно“, изјави Кејт Еванс, која беше еден од водачите на проектот.

Таа додава дека овошјето бавно потемнува и ако се чува на ладно, го задржува извонредниот квалитет и до 10-12 месеци.

Јаболкото е второ најпродавано овошје во САД после бананите.