Иако се наоѓа во самото срце на Европа, Сан Марино важи за најмалку посетена држава на континентот.

Според податоците на Светската туристичка организација, Сан Марино лани го посетиле само 84.000 луѓе, што е раст од 8% во споредба со 2017 година, но и 11 пати помалку од бројката на туристи во Фиренца само во првите три месеци од 2019.

До Сан Марино не се стигнува така лесно. Како трета најмала држава во Европа (пред Монако и Ватикан), оваа микронација нема аеродром (најблиску е оној во Болоња на 130 километри), железничка станица, а ни пристаниште (бидејќи е сместена среде источна Италија), а главниот (истоимен) град се наоѓа на рид, до кој води тесен, ветровит пат.

Сан Марино има површина од само 38 квадратни километри и популација од 34.000 луѓе. Тој важи за најстарата континуирана демократија на светот (17 векови) и во последните 60 години имал повеќе жени на чело на државата од која било друга земја.

Пејзажот на Сан Марино е типичен италијански, а неговата најпозната знаменитост е комплексот замоци на Монте Титано, што се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО. Ако можете да си дозволите, во него може и да се живее.