„СКОПСКО IPL“ Е ПРВОТО КРАФТ ПИВО НА „ПИВАРА СКОПЈЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Пивара Скопје“ го претстави своето ново пиво „скопско IPL“, прво од ваков вид на македонскиот пазар. Станува збор за автентично крафт пиво, термин што се користи за пива со уникатни карактеристики, кои се добиваат од квалитетни состојки и со големи умешност и искуство на пивските мајстори.

„Во производството на „скопско IPL“ се раководевме од рецептот на старите британски морепловци, стар над 400 години, на кој ги додадовме најсовремените светски пивски трендови и, секако, нашите експертиза, голема страст и богато искуство. Уникатниот процес на производство наречен dry hopping и различните видови висококвалитетен хмељ му даваат на новото пиво богат вкус и арома кои доаѓаат до израз откако претходно шишето лесно ќе се протресе“, објаснува Надица Николоска, сениор бренд менаџер во „Пивара Скопје“.

„Скопско IPL“ е светло пиво, чии уникатни карактеристики произлегуваат од четирите видови хмељ кои потекнуваат од три различни континенти, како и од рачниот крафт процес на создавање, што трае две недели подолго од вообичаениот технолошки процес на производство на пиво.