Шаренило од бои и одлични креации понуди годинава Струмичкиот карневал. Цели четири часа траеше интернационалното карневалско дефиле во Струмица, во кое маскираните понудија шаренило од бои, одлични креации и силни пораки до пристуните со своите музички и сценски настапи на плоштадот „Гоце Делчев“.

„Вкупно 1300 учесници поделени во 48 групи ја направија Струмица да биде карневалскиот центар на Балканот и Европа оти се понудија квалитетни маски во кои е вложен многу труд, љубов и желба“, кажаа високите преставници на Европската асоцијација на карневалски градови кои го следеа дефилето.

Учесниците со своите маски уште еднаш апелираа за љубов, соживот, емпатија, мир, забава, заштита на природата и на планетата.

Газелите од Радовиш, маските на трите средни училишта од Струмица на каренвалските здруженија „Струма“ и „Мулен Руж“ доминираа на плоштадот со својата големина. Освен традиционалните струмички групи како и групни маски од Радовиш, Куманово, Кавадарци и Пробиштип, на карневалот во Струмица настапија и групи од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција,Турција и Бугарија.

Нивните настапи и креации ги видоа десетици илјади луѓе од земјава и од странство кои овие денови ги исполнија сите сместувачки капацитети во Струмица. За реализација на канревалот, Општината додели 4 милиони денари, Министерството за култура 1,5 а средства доделија и повеќе компании кои со години ја поддржуваат оваа манифестација.

В. ТРАЈКОВ